Романија: Десетици приведени, повеќемина повредени

02.02.2017 14:48

Во насилните протести биле повредени осум полицајци, од кои тројца биле хоспитализирани. Граѓаните протестираа поради декретот, кој го донесе владата по итна постапка, со кој се намалува казната за корупција, со што голем број политичари може да бидат поштедени од кривично гонење.

Романската полиција привела околу 80 лица по насилните протести на Плоштадот на Победата во Букурешт. Против приведените биле покренати обвиненија за напад врз лица на должност и за нарушување на јавниот ред и мир. Во насилните протести биле повредени осум полицајци, од кои тројца биле хоспитализирани. Граѓаните протестираа поради декретот, кој го донесе владата по итна постапка, со кој се намалува казната за корупција, со што голем број политичари може да бидат поштедени од кривично гонење.

„Двајца мои пријатели беа затворени без причина. Се обложувам дека ги тепале во полиција. Мислеа дека се навивачи. И мене сакаа да ме истепаат. Но ние не сме насилни. Само мислиме дека ова што се случува не е нормално, донесуваат закони без консултации. Ова отиде предалеку. Ова не е политика, ова е насилство“, вели еден демонстрант.

Поранешната пратеничка од романската владејачка Социјал-демократска партија, Аурелија Криста, ја напушти партијата, поради прифаќањето на законот за помилување и владиниот став за промена на казнениот кодекс. Оставка поднесе и министерот за трговија Флорин Жијану. На својата Фејсбук страница тој напиша: „Ја завршувам својата активност бидејќи тоа ми го налага совеста“.

Европската комисија ја предупреди Романија дека одобрените средства од фондовите на унијата би можеле да бидат прекинати поради усвоените измени.

„Ова што го гледаме во последните неколку денови е многу загрижувачко. Итно ја повикуваме романската влада да го преразгледа она што го направи“, изјави Франс Тимерманс, потпретседател на Европската комисија.

Романија е една од европските држави со највисок степен на корупција во државната администрација и во многу области на јавниот живот. Обвиниелите наведоа дека постојат околу две илјади случаи на злоупотреба на власта со вкупна штета од милијарда евда, нанесена изминатите три години. 

Марина Автовска