Агенцијата за вработување објави јавен повик за практиканство
Агенцијата за вработување на Рпублика Македонија денеска објави јавен повик за аплицирање до сите фирми и невработени лица на возраст до 29 години заинтересирани за програмата практиканство. Во период од 3 месеци, 1.000 лица ќе добиваат по 6.200 денари и ќе ги развиваат знаењата кај заинтересиран работодавач, кој потоа ќе може да ги вработи.

Добрите ефекти постигнати преку мерката практиканство која се реализира преку ИПА проектот, „Поддршка за вработување млади“ резултира со трет директен грант во износ од речиси 19 милиони денари за вклучување на илјада невработени и развивање на нивните знаења и вештини кај познати работодавачи, во период од три месеци.
„Ги повикуваме сите компании во наредните денови да се пријават, да ги поднесат своите барања, а потоа со апликациите кои што ќе ги направат и на вработените лица, млади до 29 годишна возраст, кои што треба да имаат најмалку средно образование, за да можат да аплицираат на овој оглас. Тие ќе добијат 6.200 денари месечно, надоместок за патни трошоци за одење на работно место и на крајот од тоа ќе добијат можност да бидат вработени кај компанијата“, изјави директорот на АВРМ, Влатко Поповси.
ИПА проектот „Поддршка на вработување на млади“ почна лани, во декември со вкупен буџет од 1, 5 милиони евра. Се очекува во него да бидат вклучени 3.790 млади лица. Од делегацијата на ЕУ се задоволни со ефектите на проектот што се реализира со учество на Владата. Според податоците околу 60% од практикантите биле вработени во компаниите каде што биле на обука.
„Ние инвестиравме средства од ЕУ- фондовите преку оваа програма заедно со средства на македонската влада и среќни сме што го правиме ова, затоа што оваа активност дава резултати, што не е случај во некои други области“, изјави Никола Бертолини- ЕУ делегација во Република Македонија.
Што се однесува до ефектите од проектите „Македонија вработува“, Поповски вели дека тие можеби директно вршат притисок врз Фондовите преку придонесите, но индиректно преку зголемената потрошувачка и другите инструменти на оданочување го компензираат тоа.
„Само преку мерката „Млади до 29 години“ над 8.000 лица за една година, потоа мерката „Македонија вработува 1“ 18.900 за 2 години. Мерката со „Македонија вработува 2“ од 28 јуни до сега вработени се над 4.300 луѓе. Така да тие даваат соодветен резултат. Да, начелно првично губиме средства, но тие средства се компензираат преку поголемата лична потрошувачка на секој граѓанин што е вработен“, изјави Поповски.
Реално најголем интерес меѓу работодавачите има за вработување лица до 35 години возраст, вели Поповски. Агенцијата нуди можности, а компаниите решаваат кој модел и која возраст на кандидатите најмногу им одговара. Задоволуваат ефектите и за вработување лица на возраст до 50, до 58 години, како и за лица од социјално-ранливите групи, но важни се две работи, кандидатите да имаат мотивација да најдат работа, како и заинтересирани работодавачи, вели Поповски.
Свето Николовски
