МТСП: Сеопфатна анализа за реформи на пензискиот систем
Министерството за труд и социјална политика во соработка со Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС) и Фондот за пензиското и инвалидското осигурување на македонија (ПИОМ) почнуваат сеопфатна комплексна анализа за утврдување на состојбите после воспоставувањето на тростолбниот пензиски систем, особено во однос на осигуреници за кои членството во вториот столб не е поволно, по што ќе бидат предложени реформи, информираше ресорниот министер Ибрахим Ибрахими.

За две недели ресорното министерство ќе излезе со резултати од анализата за состојбите во тростолбниот пензиски систем и за оние осигуреници за кои членството во вториот столб не е поволно- информираше ресорниот министер, Ибрахим Ибрахими. Откако Народниот правобранител обелодени дека над 300 осигуреници ќе бидат оштетени и ќе земаат помали пензии, а никој не ги предупредил за тоа, сега Министерството бара податоци од МАПАС и ПИОМ за различни категории членови за кои вториот столб не бил поволен. Нема да се чешлаат само состојбите со доброволните членови кои во моментот на зачленување имале над 40 години возраст и повеќе од пет години пензиски стаж и членовите евидентирани како прво вработување по 1-ви јануари 2003 година, а имале стаж и претходно, туку и членови кои го смениле статусот на осигуреници од работник во полицаец или обратно како и лица кои не се опфатени со членување, а инсистирале да се зачленат.
Од анализата ќе зависи какви реформи ќе бидат предложени и кои лица ќе бидат опфатени со нив. Министерот Ибрахими посочи дека воопшто не се размислува за укинување на приватните пензиски фондови, зашто според нивните проценки, тие работат успешно. Реформите нема да предизвикаат поголеми потреси на пензискиот систем.
Од Министерството велат дека анализата направена во 2007-ма година покажала дека за некои осигуреници членови во вториот столб не е поволно да бидат во него со оглед на возраста и стажот. МАПАС ги контактирала телефонски да им го предочи проблемот за да си ја преиспитаат одлуката, на кај дел од нив, тоа не помогнало да се предомислат.
Од вториот пензиски столб, заклучно со 31-ви декември 2016 година, има 427.025 членови со средства од околу 781 милион евра или 48 милијарди денари, додека во третиот пензиски столб членуваат околу 23.000 лица со средства од околу 16 милиони евра или 996 милиони денари.
Фиљана Кока
