Кандидатите за полицајци бараат вработување
Пред министерството за внатрешни работи протест на дел од оние што ја поминаа обуката за полицајци. Ресорниот министер Нухиу им ветил дека наскоро ќе се реши прашањето за нивно вработување.

Кандидатите за полицајци од последниот конкурст од 15-ти јули сѐ уште ја немаат почнато едногодишната обука, бидејќи не е завршена селекциската постапка. Стравуваат да не ја изгубат можноста да влезат во служба на безбедноста на граѓаните, побараа одговор од министерот за внатрешни работи Агим Нухиу. Тој ги уверил дека се работело на заокружување на изборот на кандидати и наскоро ќе ја почнат обуката.
Нухиу вели дека МВР има потреба од млад кадар. Ресорот упатил барање до државната комисија за спречување на корупција дали може во периодов до формирање влада да ја продолжат постапката. Оттаму добиле зелено светло.
„Јас како министер испратив барање до претседателот на Комисијата за спроведување на процесот на селекција да ја заврши постапката и тој процес очекувам во брзо време да биде завршен. Обуката ќе почне веднаш штом ќе се завршат сите потребни процедури. Нема да дозволам во постапката да има какви било правни недоследности и на кој било начин да им се нанесе штета на кандидатите за полициски службеници кои во иднина треба да бидат основната сила на МВР“– вели Нухиу.
На овој конкурс има три групи кандидати. Во првата се 432-ца кои веќе склучиле договор за обука за полицаец- приправник. Во втората група се 150 кандидати за кој е направен избор и се изготвени договори за основна обука, а недостига решение за избор. За 78- мината кандидати од третата група не е завршена постапката за избор, велат од МВР.
Наташа Гркова- Петрушевска
