Се преполови бројот на болни од грип
Се намалува бројот на заболени од грип. Од Институтот за јавно здравје велат дека неделава лекарска помош побарале 50% помалку болни за разлика од претходната недела. Најмногу заразени се регистрирани во Охрид.

Студениот бран и продолжениот зимски распуст значително го намалија бројот на пациенти со респираторни инфекции и зголемена температура – велат од Итната медицинска помош. Извештајот на Институтот за јавно здравје покажува дека изминатата недела биле регистрирани 1.200 новозаболени. Лекарите предупредуваат дека сезоната на грип не е завршена.
„Јавувањата на 194 и на „Ало докторе“ одат во таа релација дека сѐ помал број пациенти се жалат на респираторни инфекции, на зголемена температура, кашлица, малаксаност. Па според прогнозите, она што го следиме на интернет дека после 10 – 15 февруари се очекува повторно скок на температурите би било веројатно дека може да се врати нов бран на појава на вируси“, изјави д-р Ѓорѓи Карамановски- Итна медицинска помош.
Најголем дел од заболените изминатата недела се пациенти на возраст од 15 до 64 години. Најмногу грипосани се регистрирани во Охрид, Прилеп и во Скопје.
Од почетокот на сезоната од грип се разболеле повеќе од 32.900 граѓани, а две деца на возраст од три и четири години починаа од компликации предизвикани од вирусот.
Андријана Атанасовска
