Лани продадени 16.667 недвижности, прометот 30 милијарди денари

03.02.2017 12:58

Во 2016 пазарот на недвижности бил стабилен. Понудата на станови ја задоволува побарувачката и во моментов има доволно новоизградени станови за продажба. Од Агенцијата очекуваат натамошен благ пад на цените на недвижностите.

Во четвртиот квартал од 2016 година се бележи пад во однос на третиот во регистарот на цени и закупнини- велат од Агенцијата за катастар. Оттаму посочуваат дека во 2016 пазарот на недвижности бил стабилен. Понудата на станови ја задоволува побарувачката и во моментов има доволно новоизградени станови за продажба. Од Агенцијата очекуваат натамошен благ пад на цените на недвижностите.

Како што информира директорот на Катастарот Славче Трпевски, во 2016 година се регистрирани 16.667 продажби на недвижности со вкупен промет од околу 30 милијарди денари. Околу 150 милиони денари, пак, изнесува прометот од регистрираните 8.201 закупнина.

Највисока регистрирана трансакција минатата година била за станбена зграда со површина од 6.397 метри квадратни во општина Сопиште којашто во јуни лани е продадена за 1.703.434 евра. Најмалата цена достигната за продажба на стан е евидентирана во септември во Штип, каде стан од 72 метри квадратни е продаден за 2.000 евра.

Според податоците што ги објави денеска Катастарот, највисоката регистрирана купопропродажба лани била трансакција во износ од 4.130.000 евра со деловен простор со површина од 7.611 квадратни метри во реонот на Универзална сала во општина Центар.

Стан од 225 метри квадратни во општина Центар во февруари лани е продаден за 425.000 евра и е продажба со највисок износ евидентирана во Регистарот на цени и закупи на Агенцијата за катастар на недвижности.