Во тек подготовките за мјузиклот „Тајно моја“
Тоше Проески не престанува да инспирира. Со мјузиклот „Тајно моја“, Македонската опера и балет ќе ја одбележи 10- годишнината од смртта на нашата музичка легенда. Целокупната екипа која работи на мјузиклот вели дека ова е тешка и одговорна задача затоа што треба да се возобноват песните на Проески, за тие да живеат вечно, а преку нив и споменот за него.
Денис Димовски и Антониа Гиговска ќе ја раскажат љубовната приказна на двајца млади кои живееле во времето на Тоше Проески и неговото достигнување на врвот на славата, проследена низ звуците на баладите „Тајно Моја“, „Усни на усни“, „Немаш ни благодарам“. Пеачите работат деноноќно во Македонската опера и балет за да направат мјузикл каков што заслужува идолот.
Сите во екипата велат: мјузиклот е голем проект и најавуваат спектакл, за првпат реализиран во операта. Чест е, но истовремено е и предизвик, баладите на Тоше да прераснат во мјузикл, вели режисерот Михајловски. За авторот на аранжманот, Петровски, ова е единствен начин делото на Тоше да ја достигне вечноста.
Во мјузиклот „Тајно моја“ учествува ансамблот, оркестарот, хорот и балетот на МОБ, хорот „Фалсето“, актерска и уметничка екипа во која се и познатите актери, Игор Џамбазов и Весна Петрушевска.
„Тајно моја“ содржи 20 познати песни на Тоше со нови оркестарски аранжмани. Премиерата е закажана за 10-ти март. Покрај мјузиклот, МОБ годинава ќе организира и низа настани што ќе го одбележат делото на незаборавниот Тоше.
Викторија Милевска
