Институт за демократија: Пратениците можат значително да придонесат за политичката состојба

03.02.2017 15:46

Народните избраници не се одважуваат да излезат од својот партиски ров и да отворат демократска дебата. Нивните диксусии често преминуваат во лични навреди, а не се трудат да слушнат туѓи аргументи, покажало истражувањето на Институтот за демократија спроведено од јули до октомври минатата година. Но, тие можат да придонесат значително за политичката состојба.

Политичката криза не го измени начинот на носење на одлуките во Парламентот. Напротив тој остана форум во кој спротивставените политички опции не ги менуваат своите позиции без разлика на искажаните аргументи, покажа истражувањето на Институтот за демократија спроведено во период од јули до распуштањето на Собранието, минатата година. Според истражувањето пратениците не собрале сила да излезат од партиските ровови и да создадат услови за демократска дебата.

Најмногу се дискутирало за јавните финансии, поплавите во скопскиот регион и за СЈО. Загрижувачко е, велат од Институтот, што пратениците изразувале форми на често непочитување на личноста на своите колеги. Во набљудуваниот период констатирана е голема процентуална разлика во застапеноста на дискусиите меѓу пратениците Македонци и Албанци. Така што пратенците Албанци воделе само 7 проценти од дискусиите.

Овие состојби можат да бидат надминати, сметаат од Институтот за демократија доколку кандидатите за пратеници наместо на партиските листи бидат на отворена листа и доколку се воведе моделот на една изборна единица.

 

Фиљана Кока