Птичји грип: Нема нови случаи, состојбата се следи

03.02.2017 15:59

Птичјиот грип во Мороишта и околните села не е проширен, земените брисеви се негативни- соопшти Агенцијата за храна и ветеринарство. Не се исклучува можноста болеста да се појави на друго место, може да ја пренесат дивите птици.

Нема нови случаи на птичји грип во земјава, негативни се сите земени примероци од живината – информираат од Агенцијата за храна и ветеринарство. Постојано се следи состојбата во струшкото село Мороишта, каде пред неколку дена беше регистриран првиот случај. Надлежните велат, не е исклучено болеста да се појави на друго место затоа што се шири преку дивите птици.

„Дополнително се земени брисеви или мостри од околните одгледувалишта и во нив е откриено присуство на вирус инфлуенца А. Во моментов се уште траат лабораториските анализи за да се утврди дали станува збор за истиот вирус Х5Н8 или пак, можеби станува збор за некој друг вид на инфлуенца вирус“, изјави проф. Александар Додовски- Факултет за ветеринарна медицина.

Директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство вели дека обесштетувањето ќе почне веднаш штом сопствениците ги достават барањата за угинатата живина до нив. Во струшко Мороишта е извршена дезинфекција.

„Вкупно беа уништени и нештетно отстранети околу 1.950 единки на живина од различни видови, пред се кокошки, гулаби, гуски итн. Истите беа депонирани на депонијата во струга. Во текот на акцијата беа вклучени 56 лица“, изјави Зоран Поповски, директор на Агенцијата за храна и ветеринарство.

Од Агенцијата за храна и ветеринарство додаваат дека земјава доби одобрение за извоз на производи од живина на европските пазари. Ќе може да се извезува само непреработено живинско месо.

 

Андријана Атанасовска