Се очекува благ пад на цените на недвижностите
И годинава се очекува благ пад на цените на недвижнини. Понудата на станови ја задоволува побарувачката, во моментов има доволно новоизградени станови за продажба, велат од Агенцијата за катастар. Лани пазарот на недвижности бил стабилен. Зголемување на трансакциите е забележана во првиот квартал додека благ пад во четвртиот квартал.

Стан од 225 квадратни метри во Општина Центар е продаден за 425.000 евра – ова е највредната продажбата евидентирана во 2016 година во регистарот на цени и закупи на Катастарот. Најевтино е продаден стан во Штип, 72 квадрата за 2.000 евра. Лани вкупно се регистрирани над 16 илјади продажби на недвижности, прометот околу 30 милијарди денари.
„Доколку ги разгледаме продажбите на станови на ниво на година на целата територија на РМ, просечна продавана квадратура од сите станови е 73 метри квадратни, додека просечна цена на метар квадратен станбен простор на годишно ниво изнесува 36.073 денари, што значи дека просечната година цена на стан од 73 квадрати на ниво на РМ изнесува 2.633.329 денари, изјави директорот на Агенцијата за катастар на недвижности, Славче Трпевски.
Од агенциите за недвижности велат дека најголема заинтересираност има за станови во центарот на Скопје.
„Најголема заинтересираност од нашите купувачи секогаш има во Општина Центар. Најмала има по приградските населби најчесто, тоа е Маџари, Хиподром, Ѓорче Петров. Во тој дел најмалку се бара. Во Македонија најмногу е во Скопје секогаш, втор по ред град е Охрид, па продолжуваме западна Македонија Тетово, Струга, Битола“, изјави Донка Филиповска, агенција за недвижности.
Понудата на станови ја задоволува побарувачката. Има и доволно залиха на новоизградени станови. Оттука, од Агенцијата за катастар очекуваат благ пад на цените во услови на зголемена градежна активност и значително намалена побарувачка.
Ана Јосифоска- Тодоровска
