МНР му одговори на Рама: Соседите да се занимаваат со своите проблеми, не со Македонија
„Соседите да се занимаваат со своите проблеми, не со Македонија. Тука има избрани претставници од граѓаните и тие се единствените легитимни фактори во носењето одлуки“- вака македонското министерство за надворешни работи му одговори на албанскиот премиер и на косовскиот претседател. За Еди Рама и Хашим Тачи, не е важно кој во земјава ќе формира влада, туку е важна албанската платформа.

Политичарите од соседството кои упорно се обидуваат да го оттргнат вниманието од проблемите дома, со потпалување на оган кај соседи, одат спротивно на европските вредности- реакција на Министерството за надворешни работи по изјават на албанскиот премиер Еди Рама во интервју за косовска телевизија дека најважно е да се испочитува платформата на Албанците потпишана во Тирана. Во соопштението од МНР стои:
„Би било добро македонскиот концепт на мултикултурна интеграција во општеството базирано на европски вредности да го применуваат соседни земји. Би потсетиле дека во Македонија има избрани претставници од граѓаните. Тие се единствените легитимни фактори во носењето одлуки. На политичарите од соседството секако дека им е најпривлечно да се занимаваат со други земји, во услови кога тешко им оди со реалните потреби на граѓаните во сопствената земја. Сепак, за сите ќе биде најдобро да се посветат на реформите што им се толку многу потребни пред да мечтаат за лидерство и да креираат поделби во регионот“, велат од МНР.
Дополнуваат дека немаат намера да се впуштаат во анализи на тоа кој се вмешува во внатрешните работи на земјата и со каква цел го прави тоа. Побараа сите заинтересираните страни да ја почитуваат македонската сувереност и изразената волја на граѓаните.
Во гостување на косовска телевизјата, албанскиот премер, Рама изјави дека не е важно дали Груевски или Заев ќе формираат влада, важна е платформата на Албанците потпишана во Тирана. Смета дека платформата не е никаква провокација, и оти таа произлегува од Охридскиот договор. Сличен став има и косовскиот претседател Хашим Тачи кој беше дел од интервјуто. Тој рече дека Албанците во Македонија се дискриминирани.
Катерина Топалова
