Меѓусебно докажување за практиката за доделување на мандатот

03.02.2017 16:51

Дали претседателот Иванов постапи правилно при последната одлука да го додели мандатот на оној кој ќе покаже дека има мнозинство во Парламентот. За СДСМ- Глигоров во 92-та не поставил ваков услов. Од Кабинетот на Иванов ги обвинија Социјал- демократите за манипулации.

СДСМ и претседателот во меѓусебно докажување- каква била досегашната практика за доделување на мандатот.

Според партијата, во 1992-ра година, Глигоров го доделил мандатот на второпласираната партија на тогашните избори, без да бара да му бидат приложени потписи од 61 пратеник и да поставува услови за програма, како што го направил тоа Иванов со барањето до претседателот Заев.

„Единствено што побарал тогаш претседателот Глигоров од второпласираната партија на изборите е, цитираме – да посочат кандидат кого претседателот на републиката би го определил за мандатар за состав на Владата на Република Македонија“, велат Социјал-демократите.

Од претседателскиот кабинет реагираат- СДСМ манипулира со јавноста и се повикува на консултации кои Глигоров ги извршил со партијата.

„На овие консултации, претседателот Глигоров му предлага на СДСМ како на втора партија по бројот на пратеници во Собранието, да посочат кандидат, кој претседателот на републиката би го определил за мандатар за состав на Владата на Република Македонија. Факт е дека во соопштението од 14 јули 1992 година, на кое се повикува СДСМ, претседателот Глигоров не го доверува мандатот на СДСМ за состав на Влада, туку од нив бара да посочат кандидат за мандатар. Три дена подоцна, СДСМ во присуство на сите партии кои го сочинувале парламентарното мнозинство, го информираат претседателот Глигоров дека успеале да обезбедат парламентарно мнозинство и го определуваат Петар Гошев за мандатар. Истиот ден, претседателот Глигоров мандатот за состав на влада го доверува на Петар Гошев“, велат од кабиентот на шефот на државата.

Оттаму уште регаираат дека СДСМ манипулира и кога тврди дека претседателот Иванов наводно поставува дополнителни услови за доделување на мандат за состав на Влада.

 

Игор Панов