Високи вредности на ПМ-10 честичките
И изутринава мерните станици во Карпош, Лисиче, Гази Баба и на Кавадарци регистрираат ниво на штетните ПМ-10 честички неколкупати повисоко од дозволеното. Еколозите препорачуваат да се преземат долгорочни мерки. Граѓаните се жалат на проблеми со дишењето. Министерството за животна средина, деновиве препорача да се воведе сообраќаен режим пар-непар, а сите државни и јавни институции за 50 насто да го намалат користењето на службените возила, но ова засега е само на хартија.

Скопката котлина утрово е најзагадена. Највисоки концентрации во осум часот се измерени во Гази Баба 486,21 микрограми на метар кубен, Лисиче 436,82, кај Ректорат 375,69, Карпош 251,55 и во Миладиновци 111,93 микрограми.
Повисоки концентрации се измрени и во Кавадарци од 235,14 микрограми, Куманово 115,37, Велес 93,59, Кичево 58,86, Тетово 50,90 проценти.
Во другите градови концентрациите се во дозволените максимални граници до 50 микрограми.
Според УХМР, од попладне се очекува промена на времето и расчистување на маглата. Во скопската котлина се очекува промена кон крајот на денот и во текот на ноќта. Ќе дува засилен ветер од југоисточен правец и врнежи од дожд.
