Врачена наградата „Григор Прличев“ за најдобра поема
По повод годишнината од смртта на големиот македонски поет и преродбеник, Григор Прличев, во рамки на манифестацијата „Прличеви беседи“, на авторот Зоран Пејкоски му беше врачена наградата за најдобра создадена поема во текот на минатата година. Се работи за делото „Македонски Стар и Нов завет“.

За поемата „Македонски Стар и Нов завет“ на авторот Зоран Пејкоски во Охрид му беше врачена наградата „Григор Прличев“ за 2016-та година. Како што рече тој, за писателите наградата претставува највисоко признание бидеќи го честуваат македонскиот Хомер, кој поемата ја издигнал на европско и светско ниво.
„Голема храброст треба да собереш за да се соочиш со пишување на поема, за да ја има таа динамика, како што Прличев ја имаше во Сердарот. Затоа што тој има една голема особеност во литературата, воопшто во пишувањето, во тој поетски збор“, изјави Пејкоски.
Според претседателот на жири комисијата, Трајче Кацаров, поемата „Македонски Стар и Нов завет“ има индикативен и обврзувачки наслов, за да се најде парабола со она што претставуваат митовите, легендите и приказните во Стариот и Новиот завет.
Тридневната манифестација „Прличеви беседи“ ќе биде заокружена со повеќе содржини како што се традиционалната „Прличева визита“, книжевен портрет на Јовица Тасевски, како и промоцијата на адаптираното издание на прличевата „Автобиографија“ на Славе Ѓорѓо Димоски.
Сашо Нелоски
