Стартува државното првенство во хокеј на мраз

06.02.2014 14:35

Одржувањето на овие натпревари се исполнување на сонот на генерации хокеари...

Утревечер, со натпреварот меѓу екипите на Вардар и Металург, почнува првото државно првенство во хокеј на мраз во Република Македонија. Сезоната ќе се одвива во две етапи, и првиот дел ќе го има во текот на викендот, со вкупно шест натпревари. Ќе настапат 4 екипи, и тоа три од Македонија, и една од Бугарија. Покрај натпреварот Вардар – Металург, кој се игра од 21 часот, во 22.30 ќе игра екипата на Фаворит, против бугарскиот “Ред Стар“ од Софија. Во сабота наутро, во 09 часот играат Фаворит – Вардар, а во 10.30 часот Металург – Ред Стар, а во недела во истите термини се играат Ред Стар – Вардар, и Фаворит - Металург.    

Одржувањето на овие натпревари се исполнување на сонот на генерации хокеари, кои досега немаа вистински услови за натпреварување. И покрај тоа што е направена голема пауза, и е загубен континуитетот во изминатите години, со поставувањето на ледената плоча на лизгалиштето во “Борис Трајковски“, се создаваат услови за развој на овој спорт, кој е вистински бисер на Зимските Олимписки игри. Трите македонски клубови се составени од поранешни хокеари, како и од млади кои последниве години се дел од школата која ја организира Хокеарската федерација, како и СЦ “Борис Трајковски“.

“Ни претставува особено задоволство што како Спортски центар, можеме да објавиме дека конечно се создадоа услови за одржување на натпревари во хокеј на мраз. Се надеваме дека и одзивот, а и работата која претстои на сите полиња, ќе бидат на соответно ниво, за овој спорт да може да се развива според планираното. Нема да биде лесно, затоа што процесот на развој и создавање на врвни играчи може да трае десетина години, но ќе се оди чекор по чекор. Од исклучително значење е што мразот не е статичен, туку може лесно да се дислоцира и во големата сала, така што во иднина, Македонија може да биде организатор на значајни натпреварувања, па дури и на Светско првенство во трета дивизија“ – изјави Ратко Капушевски, директор на СЦ “Борис Трајковски“.

“Со организирањето на државното првенство, ќе оствариме една долгогодишна желба на сите поранешни хокеари, како и вљубеници во овој спорт. Речиси 25 години во Македонија нема натпревари, или од времето кога тогашните клубови “Скопје“ и “Вардар“ настапуваа во силната југословенска лига, а 13 години мака мачевме со тренинзи, затоа што немавме “покрив над главата“.. Ова е голема можност за промоција на хокејот, како во земјава, така и во странство, затоа што имаме одлични релации со нашите иселеници во европските земји, но и во Северна Америка, во некоја следна фаза да ни помогнат за развојот на овој спорт. Согласно прописите на меѓународната федерација IIHF, веќе во 2015 година можеме да се кандидираме за настап на наши хокеари гво квалификации за Светско првенство, и доколку процениме дека имаме квалитет, можеме да се кандидираме и за домаќини на група во пониско рангираните светски  шампионати“ – изјави Никола Тасев, претседател на Хокеарската федерација на Македонија.   

Со тоа, по речиси две ипол децении, хокејот на мраз се враќа на домашната сцена. Организирањето на шампионатот во хокеј на мраз е можност за сите заинтересирани, претежно од најмладите возрасти, да се запознаат со тајните на овој атрактивен спорт. Исто така, тоа ќе биде шанса за промоција на Хокеарската федерација на Македонија во меѓународни рамки, а истовремено, со оглед на мултифункционалноста на големата сала во  Спортскиот центар “Борис Трајковски“ во иднина да се кандидира за домаќин на големо меѓународно натпреврување во хокеј на мраз, па и во уметничко лизгање.