Ле Пен: Спас од глобализацијата, излез од ЕУ и решение за политичките превирања

06.02.2017 12:40

Спас од глобализацијата, излез од Еевропската унија и решение за политичките превирања се дел од ветувањата во почетокот на претседателската кампања на француската ултрадесничарка Марин Ле Пен. Во најнепредвидливите избори досега, Националниот фронт се надева дека политичката платформа на Ле Пен ќе ги доведе до триумф сличен на победата на Трамп во САД.

„Откажете се од овој кошмар, Франција ќе биде повторно слободна“, порача лидерката на Националниот фронт, Марин Ле Пен на стартот на предизборната кампања за претседателските избори во Франција. Пред илјадници следбеници во Лион, ултрадесничарката најави револуција против глобализацијата и радикалниот Ислам, но и процедура за „Фрегзит“ по примерот на британскиот Брегзит, за излез од, според неа, пропадната ЕУ.

„ЕУ не стави под своја контрола, па ќе мора да најдеме компромис за да си го вратиме суверенитетот. Ветриштата на историјата се менуваат, ќе не одведат на врвот“, изјави Марин Ле Пен, лидер на Националниот фронт на Франција.

Политичката програма се состои од 144 предлози, со кои според Ле Пен ќе биде обезбеден поголем простор за народот.

„Таа не ја смени политиката за разлика од нејзините противници“.

„Ле Пен е единствената во политиката која ги остварува ветувањата. Слушнавте што рече, а ние ќе бидеме овде за да ја потсетиме“, велат граѓаните.

Во најнепредвидливите избори досега, Националниот фронт се надева дека политичката платформа на Ле Пен ќе ги доведе до триумф сличен на победата на Трамп во САД.

„Трамп го победи целиот систем, и покрај лажните вести, лошите полемики, опонентите кои се залагаат за војна, пари и ултралиберализам, а ги победи и оние кои беа фокусирани на малцинствата. По Брегзит, по гласањето во Унгарија и Австрија, и по издигнувањето на ултрадесничарите од Германија, сега нам ни е редот да ги спречиме осуетените предвидувања“, изјави Дејвид Раклин, директор на кампања.

48-годишната десничарка бара и излез од НАТО, а двата процента од БДП би оделе за унапредување на француската војска. Според економската програмата, планира вработувања на француски државјани и построги мерки за странските компании кои создаваат неправедна конкуренција. Во однос на мигрантската криза, Ле Пен сака блокада за муслиманските земји и нивните практики во Франција за да се зачува националната култура на земјата.

Во моментов, Ле Пен води во првиот круг од претседателските избори, но експертите очекуваат да доживее пораз во вториот кој се одржува во мај.

Нејзиниот најблизок ривал е 39-годишниот Емануел Макрон. Поранешниот министер за економија е проевропски ориентиран и се залага за слободна трговија. 

Кандидатот на социјалистите е радикалниот левичар Беноа Хамон кого го нарекуваат „француски Џереми Корбин“.  

 

Маја Филдишев