Германска донација: 4 возила во вредност од 60 илјади евра за Граничната полиција
Германската влада му донираше на МВР 4 возила во вредност од 60 илјади евра, што ќе бидат наменети за граничната полиција. Во планот за соработка е предвидена и обука на полициските службеници.

Македонската гранична полиција доби 4 автомобили, германска донација, во вредност од 60 илјади евра. Реформските зафати во полицијата најголем дел се должат на партнерството од повеќе европски земји, но и од германското сојузно министерство, нагласи министерот Нухиу.
Донацијата е симбол на досегашната соработка меѓу двете земји, вели амбасадорката Алтхаузер. Помошта е дел од годишниот план договорен меѓу македонската и германската полиција. Покрај опремата ќе следат обуки за проверка на документи и возачи, гранична контрола, обработка и анализа и безбедност на воздушниот сообраќај.
Македонско-германската соработка во секторот на граничната полиција е важен дел во областа на безбедноста. Билатералната соработка ќе се интензивира и годинава.
Ќе се однесува на редовната размена на информации, контрола на границата и оперативна соработка на македонаската Гранична полиција и сојузната полиција на Германија.
Наташа Гркова- Петрушевска
