Расте интересот: 223 апликации на првиот повик за програмата Еразмус плус

06.02.2017 15:28

Заврши првиот повик за доделување на средства за годинава преку програмата Еразмус плус. Буџетот изнесува над три милиони евра, а на конкурсот досега пристигнале 223 апликации. Најголем дел од нив се за проекти во високото образование и училиштата. Во тек е вториот и третиот јавен повик. Крајниот рок е 26-ти април.

Расте интересот за програмите за мобилност Еразмус плус. На првиот јавен повик пристигнале 223 апликации до Националната агенција за европски образовни програми. Најголем дел од нив се за проекти за студентски стажирања и мобилност на настаставен кадар. Од Националната агенција велат дека процесот на евалуација на апликациите е во тек. До крајот на април ќе се знае кои проекти се прифатени.

Проектите со кои се аплицира се наменети за формалното и неформалното образование. Изготвени се од македонски ученици, студенти, наставници, професори, научници и истражувачи, спортски работници, институции, граѓански организации и здруженија.

Буџетот за програмите за мобилност за 2017-та е 6,25 милиони евра и е најголем досега. Парите ќе бидат распределени на три јавни повици. Вториот и третиот се во тек и ќе траат до 26-ти април, односно 4-ти октомври.

Викторија Милевска