Јанкулоска: СЈО е алатка во функција на СДСМ
Поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска, придружувана од нејзиниот адвокат, Никола Додевски, беше на распит во Специјалното јавно обвинителство за повеќе стари случаи. Јанкулоска неколку пати беше на распит и во судот и според нејзе, истрагите на ова обвинителство се политички монтирани.

„Специјалното јавно обвинителство одамна го загуби кредибилитетот да води какви било постапки кои се поврзани со правото, меѓутоа го задржа приматот на еден од најистурените организациски делови на СДСМ“- изјави поранешната министерка за внатрешни работи, по распитот во обвинителството. Според неа, Специјалното јавно обвинителство е алатка во функција на Социјал-демократскиот сојуз секогаш кога на партијата и е потребно да постигне некаква цел.
„На граѓаните на Република Македонија им е повеќе од јасно дека ова е политичка пресметка со неистомислениците на СДСМ, со неистомислениците на Зоран Заев, кој врпочем неодамна беше повторно аболициран од СЈО и без разлика колку пати ќе повикуваат претставници на ВМРО-ДПМНЕ, исходот не може да се смени“, изјави поранешната министерка Јанкулоска.
Јанкулоска не сакаше да каже детали за распитот. Рече дека ќе ја почитува тајноста на постапката. Осомничена е во три случаи- „Титаник“, што се однесува на изборни нерегуларности, во „Тврдина“ за уништување на опрема за прислушување на УБК и во „Тенк“ за набавка на службено возило.
Од Специјалното јавно обвинителство информираат дека поранешаната министерка за внатрешни работи била повикана во својство на осомничено лице за случајот „Титаник“. Оттаму велат дека побарала увид во доказите поради што ќе биде повторно повикана да даде исказ за прегледаниот материјал.
Игор Панов
