Поврзување на претприемачите од малите земји
За да се надминат бариерите во соработката меѓу претприемачите од малите земји Стопанската комора на Македонија организира тркалезна маса на 17 февруари на тема „Позицијата на малите земји во меѓународната економија“. Најавено е учество на поранешни државници, успешни претприемачи и менаџери на водечки компании од регионот, како и претставници на стручната јавност од земјите на Западен Балкан.

Најголема пречка за развој на бизнисот во малите земји од регионот е недоволната регионална инфраструктурна поврзаност, како и фактот дека на мал пазар ретко се случува претприемачите да можат да заработат основен капитал за проширување на деловните активности.
„Интеграциите на земјите од регионот, кои всушност се мали земји, а мали за нас се оние чие население брои до десет милиони жители, интеграциите не се на задоволително ниво.Балканот е всушност слабо поврзан регион.Меѓу условите што припаѓаат тука, а на кои би требало да се работи се: заедничкото планирање на инфраструктурата,заеднички настап за привлекување на меѓународни инвеститори, како и обезбедување услови за заштита на овие инвестиции“, изјави Елена Милевска- Штрбевска, Стопанска комора на Македонија.
Истражувањето на Глобалниот претприемачки монитор покажало дека 80 насто од анкетираните сметаат дека претприемништвото е добар избор за кариера, за половина претприемачи тоа е нужност, а за другата половина тоа е можност. Најчести неформални инвеститори на претприемачите се блиските членови на семејството, а најчести извори на формално финансирање се кредитите од банките. Истражувањето покажало дека речиси во сите земји побројни се мажите претприемачи. Најзастапени се претприемачите на возраст од 25 до 34 години, а во Македонија е речиси ист и процентот на претприемачи во групата од 18 до 24 години. Анализата покажува дека најчесто се вложува во услужните дејности, а поретко во производните, што е поврзано со потребниот почетен капитал.
„Секоја компанија бара услови и ситуација која што ќе им биде погодна, и пристојни политички и економски услови. Така што, во овој контекст, сите компании бараат олеснувања и тргнување на сите бариери за развој на нивниот бизнис“, вели Неби Хоџа, Стопанска комора на северозападна Македонија.
За да се надминат бариерите во соработката меѓу претприемачите од малите земји Стопанската комора на Македонија на 17-ти февруари организира тркалезна маса за „Позицијата на малите земји во меѓународната економија“. Најавено е учество на поранешни државници, успешни претприемачи и менаџери на водечки компании од регионот, како и претставници на стручната јавност од земјите на Западен Балкан.
Свето Николовски
