Бесплатен јавен превоз сѐ додека е висока концентрацијата на ПМ- честичките

06.02.2017 16:24

Бесплатен јавен превоз сѐ додека е висока концентрацијата на ПМ- честичките во воздухот. Ова е една од мерките што скопскиот градоначалник ја најави, а ќе се применува од утре. За пар-непар сѐ уште нема законска основа. На потег се граѓаните, ќе ги остават ли автомобилите дома за да го користат јавниот превоз? Во меѓувреме хидрометеролозите во текот на ноќта најавуваат интензивен влажен бран и врнежи од дожд.

Со мерки и препораки кои се во насока на намалување на загадувањето на воздухот излезе Град Скопје. Бесплатен јавен превоз ќе има за сите граѓани. Oваа мерка ќе важи се до моментот на намалување на аерозагадувањето.

„Воведуваме бесплатен јавен превоз за сите граѓани во Скопје, и во автобусите на ЈСП и во автобусите на приватните превозници, се до моментот на намалување на загадувањето, за што јавноста дополнително ќе биде известена“, соопшто градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски.

Ќе се интензивира и контролата на градилиштата. Комунална хигиена ќе продолжи со интензивно миење на градските улици и булевари. Според Трајановски, со постојните закони не може да се воведе мерката пар-непар. Потребни се законски измени за да се овозможи нејзина примена.

Енормното загадување во изминативе денови ги аларамираше надлежните да предложат мерки за намалување на загадувањето на воздухот. И утрово мерните станици регистрираа високо ниво на загаденост. Според податоците на Министерството за животна средина суспендираните ПМ-10 честички достигнаа и над 500 микрограми на метар кубен од дозволените 50.

 

Дијана Ценевска