Котн: САД да го вратат влијанието, но да не диктираат демократија
Соединетите Американски Држави мора да го вратат влијанието во светот, поради нестабилноста и безбедносните закани, но тоа не значи дека Вашингтон треба да им диктира демократија на нашите сојузници, вели сенаторот од Арканзас, Том Котн. Како поранешен ветеран, тој остро го критикуваше претходниот претседател Барак Обама поради нговите лоши одлуки и договори.

Светот е во хаос поради лошите одлуки на претходниот претседател Барак Обама и прераното повлекување на американските сили од кризните региони, што предизвика нестабилност на Блискиот Исток и во Европа, вели сенаторот од Арканзас, Том Котн. Според него, поранешната администрација диктирала демократија на сојузниците, но не и на противниците со коишто склучувала договори.
„Кои сме ние на крајот на краиштата да го наметнуваме нашето лидерство на други држави? Кои сме ние да мислиме дека нашиот начин на живот е подобар од оној на другите? Кои сме ние да ги занемаруваме нашите сопствени мани и грешки, а ги судиме другите за нивните недостатоци? На овој начин, претседателот Обама бараше високи стандарди од нашите сојузници, но не и од нашите противници. Исто така склучи едностран договор со Иран и Куба прекршувајќи го правилото на Абрахам Линколн, никогаш не продавај ги стари пријатели за да купиш нови непријатели“, изјави Том Котн, сенатор Републиканец од Арканзас.
Америка се враќа на светската сцена, но ќе ги штити пред се сопствените интереси и очекува и од сојузниците во НАТО да го понесат својот дел од товарот за стабилизирање на светот.
„Америка на прво место, не значи само Америка. Секогаш ни требале сојузници и партнери за да ги заштитиме нашите интереси и секогаш ќе ни требаат. Да имаме сојузници е во наш, а не во нивен интерес“, вели сенаторот Котн.
Според сенаторот Котн, американскиот претседател Доналд Трамп веќе започнал да презема чекори што се неопходни за враќање на воената моќ, зацврстување на економијата и на безбедноста.
Како поранешен ветеран, сенаторот Том Котн предложил зголемување на воениот буџет за 26 милијарди долари оваа година и најмалку за 50-сетина милијарди идната година.
Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ
