Палестина го осуди израелскиот закон за легализација на еврејските населби

07.02.2017 12:27

Палестинците ги обвинија Израелците за кражба на земјиште откако Кнесетот усвои закон за ретроактивна легализација на еврејските населби. Неколку невладини организации најавија тужба.

Палестинските власти најостро го осудија израелскиот закон за ретроактивна легализација на еврејските населби на Западниот брег. Со овој документ, Кнесетот и дозволува на државата присвојување на стотина хектари од Палестинците, потег кој го влошува процесот за наоѓање мирно решение во билатералниот спор.

„Израелскиот парламент усвои закон за легално крадење на палестинската земја. Несомнено е дека Владата на Израел сака да ги уништи сите шанси за политичко решение“, изјави Саеб Ерекат, шеф на Палестинската ослободителна организација.

Од 120 пратеници, 60 се изјаснија „за“, а 52 „против“. Преостанатите членови на парламентот не учествуваа, меѓу кои и премиерот на Израел Бенјамин Нетанјаху. Пратеникот Безалел Смотрич, еден од оние кои го предложија законот, изрази задоволство од победата на Донадл Трамп на изборите во САД, нагласувајќи дека без него законот веројатно не би бил изгласан. По инаугурација на 20 јануари, Израел одобри изградба на повеќе од 6.000 станбени единици.

„Почнуваме да го прошируваме израелскиот суверенитет на Западниот брег и градењето населби во таа област“, изјави Безалел Смотрич, пратеник во Кнесетот.

Законот се однесува на 4.000 домови на Западниот брег и е потврда дека илегалните еврејски населби на палестинска територија нема да бидат урнати. Наместо тоа, легалните сопственици ќе добијат друго земјиште или финансиски надомест.

Според израелската невладина организација „Мир“, последната одлука е доказ дека премиерот Нетанјаху е подготвен да се пазари со натамошниот однос со Палестина за да ги задоволи барањата на екстремистичките групации и да опстане на политичката сцена.

Арапската невладина организација „Адалах“ најави тужба, а координаторот во ОН за мировниот процес на Блискиот исток, Николај Младенов нагласи дека законот би можел да има долгорочни последици.

Околу 600.000 Израелци живеат во над 200 населби на Западниот брег и Источен Ерусалим кои се сметаат за главната пречка за мировниот договор со Палестина.

 

Маја Филдишев