Град Скопје: Помасовно да се користи бесплатниот јавен превоз
Скопскиот градоначалник Коце Трајановски вчера објави поголем број итни мерки и препораки за намалување на загадувањето на воздухот. Една од нив беше воведување бесплатен јавен превоз за сите граѓани во Скопје, во автобусите на ЈСП Скопје и во автобусите на приватните превозници, се до намалување на загадувањето.

Помасовно да се користи бесплатниот јавен превоз од граѓаните во Скопје, да се остават автомобилите и да се користат бесплатните услуги на јавните превозници во овој период на голема загаденост на воздухот, апелираат од Град Скопје.
Градските власти потсетуваат дека скопскиот градоначалник Коце Трајановски вчера објави поголем број итни мерки и препораки за намалување на загадувањето на воздухот. Една од нив беше воведување бесплатен јавен превоз за сите граѓани во Скопје, во автобусите на ЈСП Скопје и во автобусите на приватните превозници, се до намалување на загадувањето.
Град Скопје ја интензивира контролата на градилиштата, односно возилата што излегуваат од градилиштата мора да имаат измиени тркала и да се покриени со церади заради контрола на прашината.
ЈП „Комунална хигиена“ ќе го продолжи интензивното миење на градските улици и булевари што се во надлежност на Град Скопје и се препорачува скопските општини да го направат истото на улиците што се во нивна надлежност. Доколку дозволат временските услови, Град Скопје ќе продолжи да ги прска градските улици со средството калциум магнезиум ацетат.
За мерката пар-непар сѐ уште нема законска основа.
