Нема опасност од излевање на реките, хидролозите ја следат состојбата

07.02.2017 16:17

Има покачување на нивото на водата во речните корита, но нема опасност од поплави, смируваат хидролозите. Македонија се вклучи во заедничкиот софтвер на земјите од Југоисточна Европа. Ќе се вложат 3 милиони евра за набавка на опрема за брзо детектирање на временски неприлики.

Нема опасност од излевање на реките, но можно е создавање водени површини покрај помалите реки и водотеците. Водостоите се релативно високи, но не се на границата на поплави велат хидролозите кои ја следат состојбата поради топењето на снегот и врнежите од дожд.

Македонија ќе вложи три милиони евра во опрема за брзо откривање и најавување на временските неприлики со што станува дел од заедничкиот хидрометеоролошки регионален софтвер-систем. Со него се врши рано предупредување и известување во јие и е основа врз која метеоролозите ќе ги идентификуваат потенцијално опасните појави и нивното влијание, особено ако засегаат повеќе земји одеднаш.

Можеме да помогнеме во предвидувањето на временските непогоди, но тие не може да не се случат велат учесниците на меѓународната конференција што се организира во соработка со светската метеоролошка организација и американската агенција за меѓународен развој.

 

Ана Јосифоска- Тодоровска