Истражување: Медиумите пласираат различни информации за исти настани

07.02.2017 16:48

Медиумите пласираат различни информации за исти настани- покажува истражувањето на Агенцијата. Преку проект ќе се подигнува медиумската писменост уште од најрана возраст.

Дури 62,71 насто од испитаниците имаат став дека различни медиуми различно информираат за ист настан, покажуваат резултатите од истражувањето за медиумската писменост на возрасното население.

Резултатите од истражувањето што  ги презентираше Агенцијата за аудиовизуелни медиумски услуги  покажуваат и дека кога ќе се соочат со различни информации во медиумите за ист настан, 50,95 насто од испитаниците не ги отфрлаат информациите, додека тоа го прават 45,9 насто. Од друга страна, дел од содржините пласирани во медиумите ги прифаќаат 62,84 насто од испитаниците, додека 34,87 насто не ги сметаат за веродостојни.

Огромно мнозинство од испитаниците, односно 84,28 насто, рекле дека телевизиите мора да бидат слободни за да бидат објективни.

Од Агенцијата за медиуми велат дека наскоро ќе формираат мрежа од државни институции, невладини организации и изработка на двд изданија за поттикнување на медиумската писменост кај децата во основните училишта.

Истражувањето е спроведено од 14 ноември до 8 декември минатата година, со лично интервјуирање на 1.523 лица од целата земја, а го спровела агенција што била избрана на тендер.  

 

Игор Панов