Внатрепартиски консултации за новата Влада
СДСМ и ДУИ на внатрепартиски консултации за условите за коалицирање. ВМРО-ДПМНЕ со порака- Влада, без победникот на изборите, ќе се соочи со проблеми во иднина.

Внатрепартиски консултации на социјалдемократите и интегративците по средбата на претставниците на двете партии. И СДСМ и ДУИ пред лидерите Заев и Ахмети ги ставиле на маса предлозите и аргументите од понеделникот. Средба меѓу делегации на двете партии денеска ќе нема, рече портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов.
Али Ахмети го свикал најтесното претседателство да го информира за разговорите со СДСМ. Во ДУИ, според информациите, во моментов има две стуи. Едната останува на ставот дека треба новото парламентарно мнозинство и влада да се формира со ВМРО-ДПМНЕ, а другата ја бутка коалицијата со СДСМ.
За формирањето на новата влада, разговарале и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски и амбасадорот на ОБСЕ во земјава, Нина Соумалаинен. На средбата добила одговор дека Македонија не иста со останатите земји и мултиетничноста и е специфика и отаму победникот од македонскиот и од албанскиот блок се партиите кои треба да коалицираат.
„Од ВМРО-ДПМНЕ на прашањето доколку СДСМ формира влада, дали истата ќе биде прифатлива за партијата, беше одговорено дека секоја партија која носи одлука за формирање коалиција без партијата која добила најмногу гласови и најголема поддршка од народот на изборите, треба да знае дека во исто време носи одлука да се соочува со проблеми во иднина својствени на ситуации кога се игнорира волјата на мнозинството граѓани“, соопштија од ВМРО-ДПМНЕ.
Во четврток во земјава пристигнува еврокомесарот Хан. Најавени се средби со лидери на политички партии.
Миле Ристески
