Трамп: Сите членки на НАТО соодветно да дадат финансиска поддршка

08.02.2017 10:16

Американскиот претседател Доналд Трамп од сите земји- членки на НАТО побара подеднаква и соодветна финансиска поддршка. Во фокусот на државната политика се борбата против криминалот и илегалната миграција.

Елиот Абрамс, поранешниот советник за Блискиот Исток на претседателот Џорџ Буш ќе биде новиот американски заменик- државен секретар. Ова било прецизирано на средбата во Белата куќа меѓу претседателот Доналд Трамп и државниот секретар Рекс Тилерсон. „Америка стои зад оние држави коишто стојат со нас во одбраната на слободата„, изјави американскиот претседател во базата Мекдил во Флорида.

„Нашите сојузници треба да го платат својот дел. Тие се многу нефер кон нас. Силно го поддржуваме НАТО. Бараме сите членки на НАТО целосно и соодветно да дадат свој финансиски придонес за Алијансата. Многу од нив не го прават тоа, некои од нив не се ниту близу, но ќе мора да го направат тоа. Централната Команда и Командата за операции се во центарот на нашата борба против радикалниот исламски тероризам. Америка стои зад сите храбри коишто служат и се борат на Блискиот Исток против опасен противник којшто нема почит за човечкиот живот“, изјави американскиот претседател Доналд Трамп.

На средбата во Белата куќа со Националната асоцијација на шерифи, Трамп вети поддршка во борбата против криминалот и илегалната имиграција. Тој обвини дека некои луѓе не сакаат да помогнат во оваа борба, како судијата од Сиетл којшто ја блокираше привремената забрана за влез на државјани од 7 држави.

„Ние сме решени да ги обезбедиме нашите граници, да го намалиме криминалот, илегалните дроги и трговијата со луѓе, особено во пограничните области. Исто така одлучни сме да работиме со полициските сили на запирање на терористички напади. Гледате и читате за тоа, постојат луѓе коишто сакаат да ни ја одземат моќта да го правиме тоа“, рече Трамп.

За првпат во американската историја по нерешниот исход од гласањето на сенаторите, потпретседателот Мајк Пенс мораше да гласа за да го потврди изборот на новиот секретар за образование, Бетси Девос.

Американскиот претседател Доналд Трамп е две недели на функција, но само една третина од членовите на неговиот кабинет се потврдени од Сенатот.

 

Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашигтон за МРТ