Хан утре во Македонија, на агендата средби со политичките лидери
Од Европската комисија потврдија дека Хан ќе има одвоени средби со лидерите на политичките партии што освоија пратенички места во Собранието, за состојбата во земјава по изборите што се одржаа на 11-ти декември и за разговорите за формирање нова Влада.

Еврокомесарот за соседска политика и проширување Јоханес Хан утре доаѓа во Македонија. Ќе учествува на министерскиот состанок за енергетика на земјите од Западен Балкан.
Од Европската комисија потврдија дека Хан ќе има одвоени средби со лидерите на политичките партии што освоија пратенички места во Собранието, за состојбата во земјава по изборите што се одржаа на 11-ти декември и за разговорите за формирање нова Влада.
По разговорите меѓу СДСМ и ДУИ во понеделникот, како што велат од двете партии, продолжуваат внатрепартиските консултации. Од ВМРО-ДПМНЕ со став- треба да се почитува волјата на мнозинството граѓани, а излезот од кризата го гледаат во нови парламентарни избори.
Како што е познато, претседателот Иванов по средбите со парламентарните партии, изјави дека доделувањето мандат за формирање влада треба да биде потврдено со собран 61 потпис за обезбедено парламентарно мнозинство.
Шефот на државата од оние што ќе ја составуваат новата Влада побара во својата програма како приоритети да ги имаат заштитата на државните интереси, односно зачувувањето на унитарниот карактер на земјата и системска реформа во која ќе бидат опфатени субјектите за национална безбедност.
