Од утре се укинува мерката за бесплатен градски превоз
Изутрината мерните станици во Скопје покажаа ниско ниво на загаденост со ПМ-10 честички. Поради тоа, од утре се укинуваат воведените мерки за бесплатен градски превоз и ослободувањето од работа за вработените во Град Скопје и во јавните претпријатија на лицата со над 60-години со хронични болести, како и за бремените жени.

Концетрацијата на штетните честички во воздухот под дозволениот праг- сигнал за градските власти да ја укинат мерката бесплатен превоз. Од утре престанува да важи и ослободувањето од работа на хронично болните и бремените жени. Ќе се продолжи со контрола на градилиштата и миењето на улиците. Граѓаните велат дека потребни се повеќе мерки.
Во изминатите два дена, во автобусите сликата непроменета. Возачот на ЈСП, Љубиша Трајковски вели дека на линијата 26 на која вози веќе неколку години не забележал промена по стапувањето на сила на новата мерка за бесплатно возење поради аерозагадувањето.
„Првиот ден не видовме голем ефект од тоа, немаше зголемување на бројот на патници во автобусите како што очекувавме. Дали е до неинформираноста на граѓаните, или до сончевото време кое не помилува, не знам. И утрово забалежав дека има намалување на возилата, но не е согласно очекувањата“, вели Љубиша Трајковски.
Бесплатниот јавен превоз беше една од десетината мерки кои ги донесе Град Скопје. Втора мерка што требаше да биде спроведена е мерката пар-непар, но поради потребата од законски измени, нејзиното спроведување се одложи.
Од Министерството за животна средина и просторно планирање поднеле и предлог кој вклучува промена на Законот за сообраќај.
Дијана Ценевска
