Законот за Брегзит на решавачко парламентарно гласање
Предлог-законот на владата на Обединетото Кралство за излегување на земјата од Европската унија вечер ќе биде ставен на завршно гласање во Долниот дом на парламентот, а потоа ќе се гласа и во Горниот дом. Се очекува зелено светло од пратениците...

Врховниот суд на Велика Британија реши дека за планираното излегување од ЕУ е потребна само согласноста на долниот и горниот дом на Британскиот парламент. Шкотска претходно гласаше против нацрт- законот на британската влада.
Предлог-законот на владата на Обединетото Кралство за излегување на земјата од Европската унија вечер ќе биде ставен на завршно гласање во Долниот дом на парламентот, а потоа ќе се гласа и во Горниот дом. Се очекува зелено светло од пратениците, по што премиерката Тереза Меј ќе може да го почне процесот за излез од Европската унија следниот месец. Се гласа и за повеќе амандмани, вклучувајќи и дали ќе им се дозволи продолжување на престојот во Британија на државјаните на ЕУ.
„Меј треба да се грижи за Британците кои се надвор од Обединетото Кралство. Ако ги загубиме билатерланите договори, ќе страдаат нашите пензии и здравствено осигурување“, вели Колин Пилинг.
„Проблем ќе имаме ако не се постигне соодветен договор со земјите-членки. Британците кои живеат во Унијата би требало да останат. И обратно, граѓаните на земјите-членки на ЕУ треба да останат во Обединетото Кралство“, изјави Дејвид Томас.
До конечното прифаќање на законскиот текст ќе минат уште неколку недели. Меј најави дека на 31 март ќе го активира Членот 50 од Лисабонскиот договор, првата етапа од двегодишното преговарање за напуштање на Унијата.
„Целта е гласањето да не се однесува само на процесите за повлекување, туку и на идните релации со Унијата. Тврдам дека предлогот на Владата за конечниот договор ќе биде прифатен и од двата дома“, изјави Дејвид Џоунс, министер за Брегзит.
Иако Врховниот суд реши дека само сојузниот парламент може да се консултира за стартување на процесот за Брегзит, а не и регионалните парламенти, Шкотска спроведе протестно гласање и се изјасни против предлог-законот. Премиерката Никола Старџен е децидна- гласањето е повеќе од симболично и ќе покаже дали се слуша гласот на народот.
Референдумот за излез од ЕУ се одржа пред седум месеци. Англија и Велс гласаа за напуштање на Европската Унија за разлика од Шкотска и Северна Ирска каде што повеќето граѓани беа против излез од блокот.
Маја Филдишев
