Расте бројот на деца со проблеми со видот
Наместо во природа, пред компјутер. Промената на навиките и новите технологии ги загрижува офталмолозите. Сѐ повеќе деца имаат проблеми со видот.

Компјутер, таблет, смартфон- ова се играчките со кои растат новите генерации. Но, модерната технологија штети на здравјето, последните години се поголем број деца имаат проблеми со видот и носат очила.
Наместо во природа, поголем дел од денот децата го минуваат дома пред компјутер играјќи игри или гледајќи цртани филмови- предупредуваат офталмолозите. Затоа на секое второ дете кое доаѓа на очен преглед му се дијагностицира ослабнат вид. Лекарите велат, важно е навреме да се открие слабовидноста, но родителите немаат навика да ги носат децата на превентивни прегледи.
„Најчесто прво чекаат децата да одат на систематски прегледи, од таму да им укажат дека детето има одредени промени во видот и потоа да го донесат на преглед. Многу е важно да се открие, да се види дали е потребна одредена диоптрија кај детето и доколку ги носи наочарите навреме ќе се помогне што е можно помалку да опадне комодцијата на мускулот, ќе се спречи да расте диоптријата“, изјави д-р Ирина Богданова, Универзитетска Клиника за очни болести.
И родителите и децата се свесни за последиците кои ги носи модерната технологија, но не се откажуваат од нив.
„Зимниот период обично децата го поминуваат пред компјутер, тоа е страшно. Влијание кое пречи за целиот живот и за телото и за видот за се.“
„Поголем дел од денот поминувам пред компјутер, иако е тоа штетно сепак имаме потреба и корист до некаде. Ако сум долго време пред компјутер се заморувам.“
На Клиниката за очни болести е зголемен и бројот на пациенти со катаракта. Доктор Богданова вели, ако некогаш се нарекуваше старечко перде, тоа сега се добива и во 40-тата година од животот.
„Повеќе од половина од популацијата боледува од катаракта, благодарение на министерството добивме апарат кој што е најсовремен за операција со оваа метода. Методата е усовршена, полесна е и побрза со помош на апаратот, а во план е да се удвојат оперираните пациенти за следната година“, вели д-р Богданова.
Лани биле оперирани околу три илјади пациенти од катаракта.
Андријана Атанасовска
