Раселените од поплавите очекуваат продолжување на рокот за престој во домовите
Министерството за труд и социјална политика ја утврдува состојбата во поплавените подрачја за можно враќање на луѓето чиишто домови претпрпеа најголеми штети. Оние кои се во привремените сместувалишта велат - нема каде да се вратиме. Очекуваат продолжување на рокот за останување во домовите.

Дел од жителите од поплавените подрачја велат дека немаат каде да се вратат. Јасмина Јованова, мајка на три деца, за МТВ ја раскажа нивната приказна. Вели дека нема ни каде да јадат, ни каде да спијат.
„Треба да се продолжи, зошто уште услови за живот нема. Ние сме шест души, не можеш на еден кревет да легнеш, ќерка имам за мажење, син со 16 години, живеам со свекрва, не можеме таму да се вратиме, уште од чешмата тече кал, тиња. Овдека е големо, има услови“, вели Јасмина.
Иста судбина има и семејството Бојковски. Главата на семејството, Виде, вели дека е потребно да се продолжи рокот останување во привремените сместувалишта бидејќи куќите се сосема уништени.
„Куќите на сите тука што сме, толку многу се оштетени, вода е навлезено по метар, метар и половина под голем притисок, ѓубре, фекалии од секаде, и од јами и од штали од селата, тоа треба можеби една година да се суши“, вели Виде Бојковски.
Од Министерството за труд и социјална политика информираат дека екипи од центрите за социјална работа на терен ја утврдуваа состојбата.
Во државниот студентски дом „Томе Стефановски-Сениќ“ се сместени 123-ца, а во „Партение Зографски“ има 20-на.
Во поплавите кои го погодија скопскиот регион на 6-ти август минатата година животот го загубија 23 лица, 140 беа повредени, а над 5 илјади семејства претрпеа штети.
Ана Јосифоска- Тодоровска
