Пристигна шестиот патнички воз од Кина
Во Македонија пристигна шестиот воз од Кина. По техничката постапка ќе биде пуштен во сообраќај. Со ова е затворена нарачката вредна 25 милиони евра, а се набавуваат и четири нови локомотиви за комплетна обнова на возниот парк на Македонски железници.

Во март, двата нови електровоза ќе почнат да сообраќаат од Скопје кон Гевгелија, останатите четири ќе возат долж желеничката мрежа во земјава. Комплетирана набавката на патничките гарнитури од Кина, инвестиција тешка 25 милиони евра. Во функција ќе бидат ставени по завршување на техничките процедури- велат надлежните. Потпишан договор и за нови локомотиви.
„Веќе е потпишан и договорот за нови локомотиви во вредност од околу 8,7 милиони евра и очекуваме набрзо да се работа нови четири локомотиви. Ќе продолжиме максимално со зголемување на инвестициите во железницата. Во Министерството за транспорт и врски оставени се и дополнителни 360 милиони денари директно за помагање на железницата во однос на платите и сите трошоци коишто ќе ги имаат“- истакна Владо Мисајловски, министер за транспорт и врски.
Од возниот парк стар 4 децении, досега се обновени 40-тина насто. Со новите товарни и патнички ваговни, од Македонски железници очекуваат подобрување на услугите, зголемување на превозот на патници и стоки.
„Со поддршката на Владата во текот на оваа година очекуваме обновување за уште 40 проценти така што после 40 години ќе го обновивме возниот парк за 100 проценти. Со поддршка на Владата го обновуваме и товарниот сообраќај така што со новите локомотиви коишто ќе стигнат кон крајот на оваа или почетокот на следната година, мислам дека Македонски железници ќе добие еден модерен лик“, посочува Никола Костовски, директор на Македонски железници- Транспорт.
Во тек е и реконструкцијата на железничките станици долж коридорот 10. Од Министесртвото за транспорт најавуваат во функција ќе бидат наскоро по завршување на техничкиот прием.
Сузана Фиданска- Стоевска
