Политика

Хан доаѓа во Македонија: СДСМ и ДУИ продолжуваат со консултации, ВМРО-ДПМНЕ бара нови избори

08.02.2017 16:40

Во СДСМ и во ДУИ продолжуваат внатрепартиските консултации, ВМРО-ДПМНЕ бара нови избори за излез од ситуацијата. Ваква е политичката атмосфера во Македонија пред посетата на комесарот за проширување, Јоханес Хан на земјава. Дали и што носи европскиот дипломат во својата папка? Во неговата агенда- министерски состанок, дискусија за енергетика, средби со партиите и цивилниот сектор...

Посета на еврокомесарот Хан, прва по декемвриските избори. Доаѓа на министерски состанок на земјите од Западен Балкан, но, ќе се сретне и со партиските лидери. Има ли решение во неговата актовка? Позицијата на Брисел е дека треба да се формира влада со широка поддршка.

Во, меѓувреме, партиите кои преговараат за парламентарно мнозинство и за нова Влада, тактизираат и не соопштуваат детали. Официјално, велат- продолжуваат внатрепартиските консултации. Социјал-демократите информираат дека прават обиди за што побрзо формирање на новиот кабинет, но, повторуваат дека финалното решение ќе се донесе на лидерско ниво. И Интегративците со заложба за поскоро договарање.

„Ние се залагаме Собранието да почне да функционира и што поскоро да се формира Влада, која ќе ги исполни барањата на сите граѓани на Македонија. Онаа влада која ќе ги исполни сите барања на граѓаните, таа влада ќе биде успешна и со таа влада ќе дојде правдата во земјава, а сите граѓани тоа го сакаат“, изјави Невзат Бејта, потпретседател на ДУИ.

Од ВМРО-ДПМНЕ, по средбат на партискиот лидер со турската амбасадорка во земјава, сооптшија дека треба да има нови избори.

 „Подобро е да се потрошат нови два месеца за нови избори, отколку нови шест месеци, или година заглавени во политичка криза“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат и дека не смее да заобиколи партијата која освои мнозинство гласови на предвремените парламентарни избори.

 

Игор Панов