Подобрување на регулативите за бизнис предизвик за администрацијата во Белата куќа

09.02.2017 10:27

Компаниите за финансиски технологии очекуваат од новиот американски претседател Доналд Трамп да донесе современи регулативи што нема да пречат во работењето преку интернет со клиенти во Америка и во странство.

Соединетите Американски Држави ги имаат најсовремените финансиски компании што нудат услуги на клиентите преку интернет, но нивната работа честопати е блокирана од регулативите на федералните власти. Затоа една од целите на новата администрација во Белата куќа е подобрување на регулативите за бизнис.

„По смената на администрацијата, државите во светот гледаат да видат што новата администрација ќе направи за финансиските регулативи и меѓународните договори. Ние знаеме дека нашите регулатори одат на некој суд во Базел и потоа кажуваат дека Базел донесе ваква одлука, но не ни кажуваат што било кажано во дискусијата, дали имало гласање и како гласале. Навистина има недостиг на транспарентност во целиот процес. Се надевам дека со новата власт ќе имаме подобра транспарентност“, изјави Патрик Мекхенри, конгресмен Републиканец од Северна Каролина.

Американските банкари се соочуваат со проблеми при отворањето на банкарски сметки на клиентите преку интернет.

„Во пет сојузни држави е нелегално да се фотографира дозволата за возење. Очигледна причина е да се спречи измама, но ова го прави тешко користењето на нови технологии како отворање банкарска сметка преку интернет“, вели Роберт Морган, потпретседател за нови технологии на Асоцијацијата на американски банкари.

Финансиската технологија дава можност за давање финансиски услуги многу поефикасно на милиони Американци, но бара и заштита на работењето преку интернет од злоупотреба и компјутерски напади. 

Финансиските регулативи во Европа се многу посовремени од оние во Соединетите Американски Држави.

 

Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ