Еврокомесарот Јоханес Хан во посета на Македонија

09.02.2017 10:16

Хан учествува на состанокот на министрите за надворешни работи на земјите од Западен Балкан. Пред активностите во МНР, изутрината во Владата средба со еврокомесарот Хан оствари премиерот Емил Димитриев.Посетата на Хан има и политичка димензија, бидејќи се предвидени средби и со партиски лидери во земјава...

Еврокомесарот за проширување и соседска политика, Јоханес Хан е во посета на Македонија. Учествува на состанокот на министрите за надворешни работи на земјите од Западен Балкан. Пред активностите во МНР, изутрината во Владата средба со Хан оствари премиерот Емил Димитриев.

Во Владата се одржува состанок на министрите за енергетика од Западен Балкан, кој го води Владимир Пешевски, заменик- претседател на Владата задолжен за економски прашања.

Еврокомесарот Хан учествува на состанокот заедно со министрите за енергетика од Западен Балкан. Министерството за надворешни работи е домаќин на состанокот на министрите на земјите од Западен Балкан, на кој ќе присуствуваат и италијанскиот државен потсекретар за надворешни работи Винченцо Амендола и Генералниот секретар на Советот за регионална соработка Горан Свилановиќ.

Состанокот ќе биде неформална средба на министрите за надворешни работи од балканските земји вклучени во Берлински процес. На состанокот, како што соопшти МНР, ќе се разговара за заедничките регионални предизвици, економскиот просперитет и меѓусебното поврзување, интеграција на сите балкански земји во Европската унија.

Министрите за надворешни работи ќе одржат и заедничка сесија со министрите за енергетика. Ќе дискутираат за примената на одлуките од Парискиот самит и очекувањата од претстојниот Самит во Трст во рамките на Берлински процес.

Посетата на Хан има и политичка димензија, бидејќи се предвидени средби и со партиски лидери во земјава, по одржаните избори и процесот на формирањето на новата Влада.

Според последните информации од Брисел, Хан ќе има средби и со претставници на граѓанското општество.