Протест против СЈО во Охрид

09.02.2017 14:42

Точно на пладне членови и симпатизери на ВМРО-ДПМНЕ протестираа пред зградата на Секторот за внатрешни работи во Охрид, при што побараа распуштање на Специјалното јавно обвинителство. Причина за тоа е, како што рекоа, пристрасноста на СЈО која го малтретира членството на партијата во врска со финансирањето на кампањата за време на изборите во 2014-та година.

Членови и симпатизери на партијата ВМРО-ДПМНЕ денеска протестираа пред Секторот за внатрешни работи во Охрид, каде што од вчера СЈО врши информативни разговори со лица од оваа партија, во врска со финансирањето на изборната кампања во 2014-та година. Протестантите побараа распуштање на СЈО.

„Ова нема никаква смисла, СЈО ги малтретира граѓаните, ги малтретира членовите на ВМРО-ДПМНЕ, да бидам повикана како член на ВМРО-ДПМНЕ, да сведочам за донација која сум ја дала во партијата. Јас секогаш сум донирала за партијата, секогаш ќе донирам за партијата“, изјави Каролина Буџаковска.

„Тие земаа пари од државата, ние дававме. Јас како граѓанин од Охрид донирав, и за Стајковци, донирав и за партијата, донирав и за секое изнемоштено лице. И повторно ќе донирам“, изјави Гоце Ѓоргиески.

Пред влегување на распит изјави дадоа пратениците Сашо Василески и Љубен Арнаудов, кои СЈО го обвинија за селективност.

„Охрид повторно ќе го даде гласот за ВМРО-ДПМНЕ и затоа се сите овие притисоци кои ги прави ’Селективното’ јавно обвинителство“, рече пратеникот Сашо Василески.

„Си имаат свои пари луѓето, јас имам мои- зошто да не дадам за партијата, па и партијата ми дала?“, рече Љубен Арнаудов- пратеник.

Според неофицијални информации СЈО на информативен разговор повикало 200 членови на ВМРО-ДПМНЕ од Охрид.

 

Сашо Нелоски