„Диво насеље“ повторно отворено за јавноста
Судскиот процес за случувањата во кумановско „Диво насеље“ повторно се отвори за јавноста. Судскиот совет во доказна постапка образложи дека ниту еден од предложените сведоци на обвинителството не им бил достапен на органите на прогон. Беше прочитан исказ на сведокот Шабан Јашари. Одбраната смета дека е направена повреда на законот за кривична постапка.

Неколку дена пред случувањата преку подотворената врата од куќата на обвинетиот Фадил Фејзулаху, сведокот Јашари навел дека видел човек во црна униформа за кој Фајзулаху му рекол дека е од УЧК. Подоцна имало повеќе луѓе во три, четири куќи каде имало и калашникови. Дента пред случувањата тој не забележал некои поголеми придвижувања на луѓе и автомобили. Рано изутрината, критичниот ден во пет наутро го разбудиле пукотници. По некое време Сами Укшини влегол во нивниот дом и побарал кафе. Јашари посочил дека во 18 часот почнала да му гори куќата. Кога со мајка му и сопругата сакале да ја напуштат, полицијата ги зела и ги однесла во Скопје кадешто го дал исказот. Читањето на исказот на Јашари предизвика негодување кај обвинетите и нивните бранители. Според нив тоа преставува суштествена повреда на законот за кривична постапка оти исказ даден од сведок во претходна постапка не може да се чита.
Одбраната на обвинетите побара да им биде презентирано аудио визуелна снимка од сведочењето на Јашари. Тие наведоа дека се сомневаат под какви околности сведокот ја дал изјавата и побараа обајснување зошто не ја дал во присуство на авдокат.
Процесот трае една година. Судот ги спои предметите „Диво насеље“ и „Молња“, во кои вкупно 37-мина се обвинети за тероризам и за терористичка организација.
На 9-ти и на 10-ти мај 2015-та во Куманово, вооружена група се судри со безбедносните сили. Во престрелката загинаа осум полицајци од специјалните и од посебните единици на МВР, додека четириесетина беа тешко повредени.
Фиљана Кока
