Превентивните прегледи важни за рано откривање на ракот на дојка
За година ипол во над 20 илјади превентивени прегледи во кои е откриен рак на дојка кај 28 жени, меѓу нив има и докторка. Радиолозите задоволни од бројот на жени кои дошле на мамографски скрининг. 60 илјади биле повикани. Најважна е раната детекција – вели еминентниот шветски професор Ласло Табар кој е основач на скрининг програмата.

За година и пол преку превентивните прегледи откриен е рак на дојка кај 28 жени, меѓу нив има и докторка. Радиолозите апелираат- многу е важно рано да се открие ова малигно заболување, кое е најчесто кај понежниот пол. Во овој период, 60 илјади жени биле повикани на бесплатен скрининг, 20 илјади се јавиле. Лекарите задоволни од одзивот.
„Од тие 20 илјади жени, 20 проценти биле повикани на дополнителни прегледи. Тоа за почиток е одлична бројка, според стандардите што ги има во светот. Целта е да стигнеме до прагот на повикување на два насто, а тоа може да се постигне на еден начин- ја имаме апаратурата, а сега останува на нас радиолозите, да бидеме едуцирани и да го најдеме карциномот навреме, да не ги праќаме жените на дополнителни прегледи“, изјави д-р Славица Темелковска, специјалист радиолог.
Еминентниот шветски професор Ласло Табар, кој е основач на програмата за рана детекција на рак на дојка, смета дека Македонија се движи во вистинки правец по ова прашање. Според него, во многу меѓународни студии е потврдено дека скринингот ја намалува смртноста кај жените.
„Од почетокот на скрининг програмата во Шведска беа повикувани жени меѓу 40 и 74 години во интервал од две години. Во студиите се заклучи дека е намалена смртноста до 40 проценти, а денеска со новата технологија и со намалувањето на интервалот меѓу мамографиите на една година, смртноста од рак на дојка е намалена на 50 проценти“, изјави проф. д-р Ласло Табар, радиолог.
Повеќе од 80 радиолози и патолози од земјава и од регинот, присуствуваа на предавањето на професор Табар. Во Шведска, скрининг програмите за рак на дојка се применуваат веќе 40 години.
Андријана Атанасовска
