Петмина повредени во експлозија во нуклеарна централа во Франција
Француската енергетска компанија ЕДФ соопшти дека експлозијата се случила во машинската хала на еден од двата реактора, по што избувнал пожар кој набргу бил изгаснат, но реакторот бил исклучен од мрежата.

Пет лица биле полесно повредени во експлозија во нуклеарната електроцентрала „Фламанвил“ во северозападна Франција. Повредените имаат симптоми на затруеност од јаглерод диоксид.
Француската енергетска компанија ЕДФ соопшти дека експлозијата се случила во машинската хала на еден од двата реактора, по што избувнал пожар кој набргу бил изгаснат, но реакторот бил исклучен од мрежата.
Општинските власти соопштиле дека не бил активиран посебен план за интервенции бидејќи не постоела нуклеарна опасност.
Не е познато поради што дошло до експлозијата, но медиумите ги пренесуваат изјавите на властите, кои ги уверуваат граѓаните дека не постои ризик од истекување радиоактивни материјали.
Двата реактора со моќност од по 1.300 мегавати се изградени во 80-тите години на минатиот век. Во тек е изградба и на нов трет реактор кој би требало да биде готов наредната година.
Франција има вкупно 58 нуклеарни реактори, а 75 проценти од струјата ја добива преку нуклеарната енергија.
Марина Автовска
