50 милиони евра за енергетска поддршка на Балканот

09.02.2017 16:45

Два договора за обновливи извори на енергија, во вредност од 50 милиони евра потпишани денеска на министерскиот состанок за Западен Балкан на кој е оценето дека се потребни реформи во енергетскиот сектор, како и правно и физичко поврзување на државите.

Со 50 милиони евра ќе се финансираат енергетски проекти во државите од Западен Балкан за да се зголемат заштедите на електрична енергија и да се намалат емисиите на штетни гасови. Европската Унија потпиша договор со финансиските институции. Парите ќе се слеваат преку програмата за регионална енергетска ефикасност и Фондот за зелен раст. Целата е правното и физичко поврзување на енергетскиот пазар во државите. Да се постигнат 1,6 тера часови електрична енергија на годишно ниво.

„Тоа е еквивалентно на четиримесечната потрошувачка на енергија на Албанија. Со овие активности можеме да заштедиме една третина од потрошувачката на Албанија годишно, може да се намали емисијата на штетни гасови на годишно ниво што на пример е исто како една година да не се возат автомобили во Црна Гора. Извонреден ефект што може да се постигне, доколку се сконцентрираме на прашањето за енергетска ефикасност. Ако штедите енергија не мора да ја увезувате и вашата политичка позиција се зацврстува“, посочи еврокомесарот Јоханес Хан.

На министерскиот состанок за енергетика во рамки на процесот на шесте западнобалкански држави постигната е согласност мастер планот за регионален развој на хидропотенцијалот да се подигне на повисоко ниво.

„Со задоволство можам да констатирам дека кај сите шест држави е направен значителен прогрес особено во агендата за поврзување меѓу државите и во делот на физичката инфраструктура во секторот енергетика, но и во правната регулатива“, изјави Владимир Пешевски, вицепремиер за економски парашања.

Во фаза е формирање заеднички пазар на електрична енергија, се работи на хармонизација на правната рамка за подобрување на деловните односи и трговските врски во енергетскиот сектор .

„Инсистираме на конкретно спроведување на она што е веќе испланирано од страна на Европската комисија во делот на енергетика за Западен Балкан. Следен чекор ќе биде Сараево, каде ќе се сретнат премиерите на земјите, а на самитот во Трст ќе разговараме за конкретните активности за меѓусебно поврзување на пазарот на електрична енергија“, рече Винчецо Амендола, државен потсекретар за надворешни работи на Италија.

Соработката и финансиите се значителни иснтрументи што ќе го подобрат прогресот на енергетските реформи, согласно веќе поставените цели од таканаречениот Берлински процес- констатирaa учесниците.

Сузана Фиданска- Стоевска