Сизнс најави крај на беззаконието и враќање на безбедноста во САД

10.02.2017 10:38

Новиот американски секретар за правада Џеф Сизнс веднаш по преземањето на функцијата на чело на полициските служби во САД најави крај на беззаконието во земјата и враќање на безбедноста и редот. Американскиот претседател Доналд Трамп објави војна на бандите и дилерите со дрога во Америка.

Криминалот и терористичките закани во САД се зголемуваат. Затоа мора да се врати безбедноста во Америка и да ставиме крај на беззаконието, изјави новиот американски секретар за правда Џеф Сизнс по церемонијата на заколнување во Белата куќа.

„Имаме проблем со криминалот. Растењето на криминалот што го гледаме е опасен континуиран тренд што ги става во ризик здравјето и безбедноста на луѓето. Ќе ги распоредиме талентите и способноста на луѓето во Департментот за правда на најефективен можен начин за да се справиме со овој растечки проблем и да ги заштитиме луѓето во нашата држава. Имаме растечки закани од тероризам. Ефективно ќе одговориме на актите на тероризам и можете да сметате на Департментот на правда да го направи тоа. Јас верувам дека ни е потребен законски систем за имиграција, којшто ги штити американските интереси“, изјави Џеф Сизнс-американски секретар за правда.

Американскиот претседател Доналд Трамп потпиша три извршни наредби со кои се задолжуваат полициските служби да го вратат редот и законите во земјата, да ги гонат меѓународните криминални организации со дрога и за заштита на полициските службеници од напади.

„Денешната церемонија треба да се гледа како јасна порака до членовите на бандите и дилерите со дрога коишто ги тероризираат невините луѓе. Вашите денови завршија. Нова ера на правда почнува токму сега“, изјави претседателот Трамп.

Во телефонските разговори со претставници на Авганистан и на Катар, американскиот претседател разговарал за ситуацијата со тероризмот во регионот.

По тестирањето на балистички проектил, американскиот претседател Доналд Трамп ги врати санкциите против Иран.

 

Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ