Хан: Преговорите да продолжат- потребен е квалитет

10.02.2017 12:32

Еврокомесарот Хан побара да продолжат преговорите, советува дека е потребен квалитет, а не брзина, да се покаже демократска зрелост и да се создаде програма базирана на договорот од Пржино и посветена на евроинтеграциите.

Еврокомесарот Јоханес Хан откако ги оддржа средбите со политичкие лидери вели дека е оптимист. Побара да продолжат преговорите, советува дека е потребен квалитет, а не брзина, да се покаже демократска зрелост и да се создаде програма базирана на договорот од Пржино и посветена на евроинтеграциите.

„Сѐ уште треба време, треба да преговараат и да донесат одлука во интерес на земјата, граѓаните, европската перспектива. И да бидат фокусирани на конкретни работи, на иднината на земјата, на натамошната европска интеграција. Европската унија ќе стори сѐ да и помогне на земјата и на лидерите во земјата“, рече Хан по предавањето на донација во теренски возила за граничната полиција при МВР и за Центарот за управување со кризи.

Запрашан дали Македонија ќе ја загуби препораката за почетокот на преговори со ЕУ доколку до крајот на февруари не биде формирана нова влада, истакна дека не е потребна брза туку квалитетна одлука.

„Станува збор за квалитет, не за брзина и треба да се преговара, партиите да демонстрираат демократска зрелост. Да покажат одлична работа заснована врз договорот од Пржино, посветеност на европската перспектива. И ако ова се случи, навистина сум убеден во натамошната иднина на земјата“, нагласи еврокомесарот.

Хан посочи дека е секогаш оптимист и најави дека повторно ќе ја посети земјата.