33 возила за Граничната полиција и ЦУК од ЕУ
Целта е да се помогне во поефикасното справување со бегалската криза...

Доделени сертификатите за 33 теренски возила, донација од Европската унија, во вредност од 800 илјади евра. 31 се за потребите на Граничната полиција, а две за Центарот за управување со кризи. Целта е да се помогне во поефикасното справување со бегалската криза.
Сертификатите за возилата ги предаде еврокомесарот Јоханес Хан кој оцени дека ова претставува силен знак за блиската соработка помеѓу семејството на ЕУ и Македонија во справување на најсериозната бегалска и мигрантска криза со која Европа се има соочено.
Размерите на овој предизвик со кој се соочува не само Европа, туку и целиот свет се без преседан. Причините поради тоа се комплексни и не постои еден единствен лек. Тоа што изискува е да им се помага на луѓето кои имаат потреба за помош, како и да им се помогне и да се поддржат земјите што се обидуваат да се справат со оваа криза и притоа целосно да се испочитуваат европските, како и меѓународните стандарди, истакна Хан.
Потребна е блиска координација, рече тој, помеѓу сите инволвирани страни помеѓу земјите членки на ЕУ, земјите партнери, како и самите министерства и разните агенции кои се инволвирани во овој процес.
