Хан: Партиите да продолжат со преговорите за формирање Влада
Еврокомесарот за проширување и соседска политика, по средбите со политичките лидери, побара да продолжат преговорите за нова Влада. Ова е клучно за надминување на политичката криза, констатирале Иванов и Хан. Единствено со целосно функционални институции, државата ќе биде подготвена да се справува со сите предизвици, смета претседателот Иванов.

Да се донесе одлука во интерес на земјата, граѓаните, европската перспектива- порака од еврокомесарот Хан по завршувањето на посетата. Вели дека Европската унија ќе стори сѐ да ѝ помогне на Македонија и на политичките лидери.
„Сѐ уште треба време, треба да преговараат и да донесат одлука во интерес на земјата, граѓаните, европската перспектива. И да бидат фокусирани на конкретни работи, на иднината на земјата, на натамошната европска интеграција. Европската унија ќе стори сѐ да ѝ помогне на земјата и на лидерите во земјата. Станува збор за квалитет, не за брзина и треба да се преговара, да демонстрираат демократска зрелост. Да покажат одлична работа заснован врз договорот од Пржино, посветеност на европската перспектива. И ако ова се случи, навистина сум убеден во натамошната иднина на земјата“, изјави еврокомесарот Хан.
Претпладнето, Хан имаше средба со претседателот, Ѓорге Иванов. „Надминувањето на политичката криза е од клучно значење за Република Македонија да може целосно да се посвети на европските реформи и да продолжи во остварувањето на евроинтеграциските цели“, рекол шефот на државата. Изразил незадоволство од отсуството на јавна осуда за мешањето во внатрешните работи на државава од некои соседни земји. Му ги посочил на еврокомесарот клучните приоритети што се очекуваат од новата Влада- заштита на државните интереси и зацврстување на унитарниот карактер на државата, како и реформа на системот за национална безбедност.
„Неопходно е што поскоро формирање на Влада, бидејќи единствено со целосно функционални институции државата ќе биде подготвена да се справува со сите предизвици“, соопштуваат од Кабинетот на шефот на државата.
Еврокомесарот Јоханес Хан пред македонскиот шеф на државата рекол дека постои зголемена свест меѓу државите членки на ЕУ за неопходноста од деблокада на интеграциите, пишува во соопштението од Кабинетот на Иванов.
Миле Ристески
