Доделени сертификатите за 33 теренски возила, донација од ЕУ

10.02.2017 14:52

Доделени сертификатите за 33 теренски возила, донација од Европската унија, во вредност од 800 илјади евра. 31 се за потребите на Граничната полиција, а две за Центарот за управување со кризи. Целта е да се помогне во поефикасното справување со бегалската криза...

Деноноќно на границата кон Грција се македонските полицајци и војници, но и 120-те припадници на безбедносните сили од неколку земји на Унијата и од Србија. Целта е иста- запечатување на Западно- балканската рута. Со 31 теренско возило за граничната полиција, Брисел ѐ помага на земјава за менаџирање со кризата. Уште две, за транспорт на мигранти доби Центарот за управување со кризи.

Безбедносниот систем во регионот се соочува со различни предизвици, и затоа според вицепремиерот Адеми е потребна негова поскорашна евроинтеграција.

Помошта во возила во вредност од 800 илјади евра е дел од европската поддршка за владините институции на национално и на локално ниво. Македонија е пример на одбрана на европските вредности, изјави директорот на ЦУК, Буџаку.

Со ваква оценка е и еврокомесарот Хан, кој смета дека Македонија има активна улога во справување со илегалната миграција. За да се запре миграциската криза, лани Македонија ја продолжи вонредната состојба на северната и на јужната граница до јуни годинава.

 

Наташа Гркова- Петрушевска