Средби: Партиите му ги соопштија позициите на Хан
Што побрзо надминување на политичката криза, формирање влада во интерес на граѓаните. Сублимат од средбите на еврокомесарот Хан со лидерите на политичките партии. Дискутирано и за обидите за создавање коалиција, како и за зрелоста на ситуацијата за нови парламентарни избори, што би се организирале заедно со локалните.

Резултатите од изборите, создавање коалиција и зрелоста на ситуацијата за нови парламентарни избори биле главните теми на разговорите на еврокомесарот Хан со политичките партии. Од ВМРО-ДПМНЕ ја повториле позицијата дека треба да се следи практиката, новата Влада да ја формираат победниците на изборите.
„Разговаравме за законот за употреба на јазиците, Специјалното јавно обвинителство, платформата на албанските партии и ризиците од користењето на оваа платформа како начин за репреговарање на Охридскиот Рамковен договор, како и за плановите и целите доколку ВМРО-ДПМНЕ формира Влада, вклучувајќи ги и реформите, воспоставената практика за коалицирање во Македонија по принципот победник со победник, предностите и слабостите на широките коалиции и искуствата на Македонија со ваквите коалиции“, се вели во партиското соопштение.
Лидерот на ДУИ, Али Ахмети по средбата со комесарот изјави дека нема да даде никакви потписи сѐ додека не добие писмена гаранција за прифаќање на платформата. Заев, рече дека неговата партија прави сѐ за да го добие мандатот за формирање Влада.
На средби со еврокомесарот Хан беа и останатите албански партии кои освоија мандати на последните избори. Од движењето БЕСА и од Алијансата на Албанците рекоа дека немаат проблем да му ги дадат потписите на Заев, но, условуваат со прифаќање на нивната платформа. Мендух Тачи од ДПА, пак, уверува дека сето ова е залудно, зашто, како што вели, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ имаат договорено Влада.
Претседателот Иванов побара гаранција од 61 потпис за мнозинство за да го даде мандатот на партијата која ќе се обиде да направи Влада. Нема временски ограничувања. Партиите продолжуваат со преговори.
Катерина Топалова
