Нов Зеланд: Битка за спас на китовите
На Нов Зеланд стотици професионални спасувачи и волонтери од целиот свет водат битка за животот на насукани китови. На јужниот остров во Фервел Сплит на брегот заглавиле повеќе од 400 цицачи. Повеќето угинале.

Повеќе од 300 китови угинале откако се насукале на брегот на Златниот залив во Нов Зеланд. Волонтерите успеале да вратат педесетина назад во морето за време на плимата, но, водата ги враќала на брегот. Луѓето коишто дошле да помогнат изјавиле дека тоа е едно од најтажните нешта што ги виделе во животот.
„Неверојатно е. Има луѓе од целиот свет. Сите што слушнале за ова дошле. Со нас поведовме и тројца автостопери кои рекоа дека сакаат да дојдат овде и да сторат се што можат“.
„Водата е студена, но тоа е во ред. Добро е да се биде тука и да се помага“, велат волонтерите.
Според научниците, причина за насукувањето може да биде староста и изнемоштеноста на китовите или грешка во навигацијата при обид за лов на храна.
„Ова е трето најголемо масовно насукување кое го имаме снимено во нашата историја, и секако е дека е огромен потфат. Китовите биле насукани синоќа околу 10 часот, тогаш добивме известување. Изутрината кога дојдовме овде повеќето од нив веќе беа мртви“, изјави Рошел Константин, морски биолог на Универзитетот Окланд.
Китовите често се насукуваат во Златниот Залив, оддалечено популарно летувалиште на врвот на јужниот новозеландски остров. Поради плитката вода тешко можат да се вратат назад во длабокото.
Марина Автовска
