Ибрахими: Надлежните проверуваат дали луѓето од поплавените региони имаат услови да се вратат дома

10.02.2017 15:45

Дел од раселените од поплавените подрачја имаат услови да се вратат во своите домови, но се уште престојуваат во студентскиот дом „Томе Стефановски- Сениќ“ и во центарот „Партенија Зографски“- изјави министерот за труд и социјална политика, Ибрахим Ибрахими. Надлежните велат дека ќе направат уште една проверка со цел да не се злоупотребуваат институциите. Рокот за престој е продолжен до 1-ви април, но дел од луѓето стравуваат дека и ова нема да биде доволно време.

Голготата на раселените од поплавите продолжува. И по шест месеци голем дел од нив сѐ уште не можат да се вратат дома. Велат- да имавме услови немаше половина година да седиме во „Сениќ“. Ваква е состојбата и во семејството Калеши. Нивната куќа треба целосно да се урне, има влага, а ѕидовите се распукани. Немаат ниту роднини, ниту помош. Единствен спас гледаат во државата и во хуманите луѓе.

Во државниот студентски дом „Томе Стефановски- Сениќ“ сѐ уште живеат речиси 100 луѓе.

Први април е новиот рок што им го даде Владата на семејствата што настрадаа во ланските поплави, да се иселат од студентските домови. Министерот Ибрахими вели дека социјалните тимови на терен ќе прават дополнителни проверки кои од семејствата имаат, а кои немаат услови да се вратат дома.

Од ресорното министерство посочија дека рокот ќе се поместува согласно со потребите на семејствата.

Викторија Милевска